Се очекува денеска во Стразбур да биде усвоен Пакетот за проширување на земјите од Западен Балкан.
Пакетот за проширување вклучува и годишен извештај за напредокот на Македонија и другите земји од Западен Балкан во исполнување на критериумите за членство во ЕУ, потврди Европската комисија.
Комесарот Оливер Вархеји ќе го претстави Пакетот за проширување на прес -конференција во 17:15 часот, откако ќе го претстави пред членовите на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент, беше објавено во Комисијата.
За Македонија е клучно и овој извештај уште еднаш да ја потврди подготвеноста на земјата за започнување на преговорите за членство со ЕУ, како што тоа повеќе пати е посочено во Европската комисија и Европскиот свет.
Земјата не може да ги почне преговорите со ЕУ поради блокадата на Бугарија за билатерални прашања.
Пакетот за проширување што го изработи Европската комисија вклучува проценка на состојбата и реформите во земјите во процесот на пристапување во Унијата.
Пакетот исто така вклучува индивидуални извештаи за земјите од Западен Балкан и Турција, кои се во различни фази на пристапување во ЕУ.
Пакетот за проширување се објавува еднаш годишно и е најважниот документ што укажува на состојбата во сите области, го оценува исполнувањето на економските и политичките критериуми и дава препораки за понатамошни реформи на земјите на патот кон членство во ЕУ.