1. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Не се очекуваат ценовни шокови, се следат Светските економски движења и навремено се реагира

Вчеравечер во Владата на Република Северна Македонија на барање на Стопанската Комора на Северна Македонија се оствари средба со Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и извршниот директор и оперативната директорка на Стопанска комора на Северна Македонија, Антони Пешев и Билјана Пеева Ѓуриќ, кои беа придружени со претставници од здружението за земјоделство и прехранбена индустрија, групацијата на кондиторска индустрија, групацијата за производство на месо и преработки на месо, групацијата за производство, откуп и преработка на млеко и групацијата на мелничко пекарската индустрија.

Вицепремиерот Битиќи на отворањето на состанокот посочи дека Владата води континуиран и отворен дијалог со стопанството. Извршниот директор на СКСМ, Пешев се согласи со вицепремиерот дека соработката е вистина на високо ниво и дека во соработка со приватниот сектор Владата ќе ги следи будно состојбите и ќе се интервенира онаму каде е најнеопходно со цел да не дојде до повисоки поскапувања на цените на прехранбените производи.

Претставниците на Стопанската комора на Северна Македонија и на здруженијата и групациите во рамките на комората укажаа на поместувања на берзанските цени на основните суровини и репроматеријали. Вицепремиерот Битиќи информираше дека Владата континуирано ги следи економските движења и во земјата и во светот, се следат цените на основните производи и посочи дека стапката на инфлација е во рамките на проектираното, стабилна е и во досегашниот дел од годината просечно изнесува 2,7%, со можни мали поместувања. Соодветно на движењата на берзанските цени, се прават стручни анализи од кои би можеле да произлезат автономни или системски мерки, кои би одговориле на предизвиците со кои се соочуваат преработувачите на кус или долг рок, соодветно.

Соговорниците се согласија дека ќе продолжат со блиската соработка, во насока за одржливо и напредно стопанство и заштитата на стандардот и благостојбата на сите граѓани во Република Северна Македонија.