26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ФИТР панел дискусија: Социјалното претприемништво во Република Северна Македонија е во пораст, но потребна е поголема поддршка

Клучни предизвици со кои се соочува социјалното претприемништво во државата, зошто е важен развојот на социјалното претприемништво и мерките кои ги презема Фондот за иновации и технолошки развој беа темите на кои дискутираа Коста Петров, директор на ФИТР, Бистра Кумбароска, основач на „Heartbeats Innovation & Communication” и потпретседателка на Националниот стартап совет, Климентина Илијевски, извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик” и Кристијан Милески, ко-основач на „Бизнис Импакт Лаб”.

Панелистите истакнаа дека во моментов, најголемиот чекор кој го презема државата за развој на социјалното претприемништво е токму преку јавниот повик на ФИТР, со кој се поттикнува развојот на социјалната економија.

„Социјалното претприемништво претставува можност која ја имате во моментот кога при одреден проблем со кој се соочувате, да креирате решение кое меѓудругото освен профит ќе генерира и општествена добивка која исто и како традиционалниот бизнис, мора да биде мерлива, односно да се искаже”, посочи Бистра Кумбаровска објаснувајќи го поимот социјално претприемништво.

Кумбаровска додаде и дека овој тип претприемништво во последните неколку години почна интензивно да се развива, купувачите стануваат свесни за импактот кој го имаат компаниите од кои купуваат, а од друга страна и вработените стануваат свесни за влијанието кое го има компанијата каде тие работат.

„Токму ова што се случува во моментов, со предлог мерките на Националниот стартап совет е јасен сигнал дека социјалното претприемништво почнува да се развива и оваа поддршка навистина многу значи” истакна Кристијан Милески.

Според Милески, социјалните претпријатија се препознаваат од стартап заедницата и ги уживаат истите права и обврски како и останатите препријатија. Тој истакна дека „Импакт Лаб“ е отворено здружение кое функционира и денес, со цел да ја поттикне соработката со традиционалните бизниси, да се оствари заедничка соработка, вмрежување и размена на искуства и знаења.

Климентина Илијевски како главен уредник на списанието „Лице в Лице“ кое е успешен пример за социјално претприемништво, истакна дека на почетокот се соочиле со големи предизвици низ кои поминале, но од сето тоа стекнале големо искуство. Начинот на продажба и дистрибуцијата на весникот се одвива во соработка со десет партнерски здруженија кои ги вклучуваат нивните корисници. Списанието има двојна улога, ги засилува ранливите категории но и ја подигнува јавната свест за прашања кои не засегаат сите нас. „Искуството кое го стекнавме ни помогна да ја развиеме социјалната менторска програма, која е верификувана, веќе започната и вклучува три сегменти: препознавање на афинитетите на менториранито лице, подготвеност за влез на пазарот на трудот и развој на професионалните вештини” додаде Илијевски.
Говорниците сметаат дека е потребно да се дефинираат ознаки според одредени критериуми кои ќе им помогнат на сите вклучени страни да се означат социјалните претпријатија.

Донесувањето на законска регулатива за социјално претприемништво е потребна, но не поважна од свесноста за влијанието кое секој поединец и претпријатие го имаат врз општеството , е еден од заклучоците на панелот.

Во моментов е активен јавниот повик за поттикнување на социјално претприемништво на ФИТР, кој поттикнува развој на иновативни решенија за тековните социјални потреби и општествени предизвици (социјални иновации), обезбедувајќи притоа одржлив и инклузивен развој.

Вкупниот буџет на повикот изнесува шест милиони денари, додека за поединечен предлог проект ФИТР обезбедува до 90% од вкупниот буџет за проектот, во максимален износ од 1.500.000 денари, а апликантот треба да обезбеди минимум 10% од вкупниот буџет на повикот.

Рокот за аплицирање на повикот е до 22 октомври, до 14 часот, а дополнителни информации можат да се добијат на: https://www.fitr.mk/sp.