По успешните средби во Пентагон со секретарот за одбрана Лојд Остин и со неговите блиски соработници потсекретарот Колин Кал и помошничката секретар Лора Купер, и во Стејт Департментот со новиот пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар, од денеска, министерката Шекеринска престојува во американската сојузна држава Вермонт.
Во Вермонт Шекеринска ќе се сретне со заменик гувернерката Моли Греј, а ќе ја посети и базата на Воздухопловната национална гарда каде со своите домаќини ќе разговараат за идните активности во соработката на Армијата со Националната гарда на Вермонт.
Министерката ќе го посети и полигонот за планирање и операции во оваа сојузна држава, и ќе присуствува и на брифинг во Оперативниот центар за итни случаи, каде ќе се информира за начинот на кој државата Вермонт се справува со природните несреќи и катастрофи, вклучувајќи ги и пожарите.
Министерката Шекеринска во Вермонт ќе има и прес-конференција заедно со своите домаќини, која ќе биде посветена на долгогодишната соработка на двете држави и двете армии.
Домаќин на посетата е командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт кој ја придружуваше македонската делегација и во Вашингтон.