17. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Дотраените бараки ги заменуваме со нови модерни амбуланти во Скопје, посочи министерот Филипче

Дел од матичните лекари во примарната, но и превентивната здравствена заштита, дејноста ја обавуваа во времени објекти поставени во пост-земјотресниот период. Старите и дотраени бараки, никогаш не беа реновирани, оштетувањата беа очигледни – дотраени материјали и инсталации кои со тек на годините престанале да ги извршуваат примарните функции, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој нагласи дека со проектот за енергетска ефикасност на територија на Град Скопје опфатени се девет амбуланти во населбите Бутел, Влае, Ѓорче Петров 2, Тафталиџе, Козле, Лисиче, Аеродром, Автокоманда и амбуланта Карпош, но за првпат се предвидува поставување на нов објект на територија на општина Кисела Вода.

Министерот денеска изврши увид на градежните активности на новата амбуланта во општината Бутел. Во изјава за медиумите тој истакна дека целокупниот концепт на изградба е направен со тоа што се земени сите аспекти во однос на инфраструктурата и енергетската ефикасност на моделот, внатрешниот распоред и поставеност на чекалните кои ќе спречат гужви и чекања, соодветна уреденост на партерниот дел на влезот со клупи за чекање и сето тоа во добро осмислен стратешки концепт за подобрување на услугата во примарната здравствена заштита.

„Правиме увид во поставувањето на амбулантите, проект на територијата на цел град Скопје, со што се врши замена на сите амбуланти согласно поставеноста на инфраструктурата кои беа навистина стари, повеќе од 50-60 години, руинирани во нив лекарите немаа соодветни услови за пружање здравствена услуга на пациетите во различни делови од градот“, изјави Филипче.

Министерот истакна дека овој проект е реализиран согласно стратегијата за реформа на примарното здравство што значи поголем број на услуги на примарно ниво со цел на пациентите да им се пружи услуга блиску до нивните домови, а со тоа и помало оптеретување на болниците. За првпат во овие објекти ќе има и лабораторија, а концептот е направен така кога ќе дојде пациент на едно место, да има што помала веројатност да биде упатен на друго место на лекување.