Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска, пред почетокот на лидерскиот самит на НАТО се сретна со министерот за одбрана на Норвешка, Франк Баке Јенсен.
Како што информираат од Министерството, на средбата биле потврдени одличните билатерални одбранбени односи помеѓу двете земји.
„Кралството Норвешка многупати досега покажа дека е наш вистински пријател и сојузник. Обуката на македонскиот медицински тим во Норвешка и нивното учество во мисијата во Авганистан и работата во норвешката болница во Кабул е пример за сојузничка соработка и развивање на колективната безбедност. Северна Македонија до 2028 година треба да развие НАТО-способност во форма на хируршки тим, кој ќе стои на располагање како НАТО-ресурс. Искуството што го стекна македонскиот военомедицински тим, знаењето што го доби од норвешките колеги, за таа цел е од непроценливо значење“, рекла Шекеринска на состанокот.
Средбата на министрите за одбрана се реализира во пресрет на лидерскиот самит на алијансата, кој, како што посочуваат од македонското министерство, е клучен за развојот на НАТО.
„Главна тема на самитот се иницијативата ‘НАТО 2030’, зацврстувањето на колективната одбрана, зајакнувањето на отпорноста на општествата на новите предизвици и развојот на технологијата, која има сè поголемо влијание во изградбата на одбранбените капацитети и способности“, се наведува во соопштението.