Преку измените на законот за наставници и стручни соработници во основното и средното образование обезбедуваме правна и економска сигурност на наставниот кадар, истакна Жаклина Лазаревска, пратеничка од редовите на СДСМ.
Таа потенцира дека наставниците и стручните соработници отсега директно ќе се вработуваат на неопределено време доколку ги исполнат законски предвидените услови, односно со новиот закон, како што дообјасни, им се трансформира работниот однос на сите наставници и стручни соработници кои до моментот на неговото стапување во сила се ангажирани на определено време, ако за тоа ги исполнуваат условите.
Според Лазаревска, на ваков начин би се опфатиле над 4.700 просветни работници, и тоа: 1.464 наставници и стручни соработници кои во моментот се ангажирани на определено работно време до 2 години и 3.326 наставници ангажирани на определено работно време над 2 години на кои не им е трансформиран работниот однос.
„Законското решение ќе обезбеди создавање правна и економска сигурност на наставниците и стручните соработници преку засновање на работниот однос на неопределено време, подобрување на квалитетот на воспитно-образовниот процес преку воспоставување на континуитет во реализацијата на наставата, како и овозможување професионален и кариерен развој на овие наставници и стручни соработници. Со ова ставаме крај на неправдите кон одреден број наставници и стручни соработници, кои немаа еднаков статус со своите колеги“, рече Лазаревска.
Лазаревска забележа дека и покрај тоа што овие измени се во интерес на наставниот кадар, во интерес на образовниот процес и во интерес и на учениците, ВМРО-ДПМНЕ и во однос на овие измени, како што рече, се однесува деструктивно и работи на штета на граѓаните.