26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Арсовски: Идентитетот и јазикот не смее да бидат предмет на преговори

Владата смета дека одвојувањето на Албанија и Северна Македонија не е во ничиј интерес и дека непринципиелноста од страна на Европската Унија може да има безбедносни последици за целиот регион. Двете земји треба да одат заедно во процесот на интеграција на Западен Балкан и да си помагаат, изјави на денешната прес-конференција владиниот портпарол, Душко Арсовски.

Според него, друга алтернатива, освен европската иднина на Северна Македонија и на цел Западен Балкан, не постои.

„Нашата аспирација е Северна Македонија да стане земја членка во Европската Унија. Македонскиот јазик и македонскиот идентитет наметнати како прашања од Бугарија воопшто не смее да бидат тема на разговорите и ангажманот на Брисел, Северна Македонија единствено така ќе продолжи да разговара за својата европска иднина. Премиерот Заев на средбите во Брисел беше јасен – идентитетот и јазикот не смее во ниту случај да бидат предмет на преговори“, потенцира Арсовски.

Северна Македонија ги спроведе сите реформи, додаде владиниот портпарол и дообјасни дека нивната имплементација е предмет на неколку процеси за примена на европските стандарди дома.

Според Арсовски, исполнети се сите критериуми на ЕУ за отворање на процесот за членство.

„Северна Македонија заслужува како никој досега да биде членка на Унијата и има покажано европско однесување и вредности и дома и во регионот, но и со самата Унија и оваа Влада ќе опстои на тоа“, беше речено на редовната прес-конференција на владините портпароли во врска со актуелниот статус на нашата земја во однос на исполнувањето на условите за формалниот почеток на преговорите со ЕУ.