„Позитивните ефекти обезбедени од оваа Влада се најприсутни во сферата на демократијата и слободата, економијата, а сега веќе слободно можеме да кажеме и правдата. И “Фридом хаус” и “Репортери без граници” нотираат постојан демократски раст и раст во медиумските слободи додека во целиот регион ситуацијата е обратна. Успеавме да ги задржиме работните места и платите во услови на пандемиска економска криза и препознаени сме како лидери по искористеност на обновливи извори на енергија. На тема правда, оние кои со години ја држеа државата заробена во страв и криминал, денес чекаат судски пресуди или веќе отслужуваат затворски казни.“- истакнува Марјан Забрчанец, Национален координатор за комуникации, во интерју за Слободен печат.
Тој ја истакнува владината заложба во создавањето правна држава преку владеење на правото и неселективната правда.
„Оваа Влада вложи сериозни напори и успеа да обезбеди услови за создавање правна држава во која нема недопирливи. Тоа значи дека нема несоодветно “покривање”. Дали е некој виновен или не се одлучува низ правосудните постапки од страна на судовите кои денес ги имаат сите потребни услови, но имаат и обврска, да судат исклучиво низ транспарентни, фер и професионални постапки. Што се однесува до вашиот впечаток за “оркестриран напад” од опозицијата и одредени медиуми, би било несоодветно да се жалам на критика. Северна Македонија е слободна држава и секој има право и може да говори слободно, се додека со својот говор не загрозува туѓи права. Следејќи ги меѓународните извештаи за раст на слободата на медиумите, верувам дека се создадени услови за професионален однос на медиумите, наместо за потпаѓање по влијанија на опозицијата или власта.“- вели Забрчанец.