Собранието на Република Северна Македонија на 32 пленарна седница го усвои Финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија за 2021 година којшто изнесува околу 79 милиони денари и е понизок за скоро 8 % од буџетот што го одобри Собранието за 2020 година. Во исто време пратениците ја изгласаа и одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход за финансирање на работењето на РКЕ за 2021 година.
„Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги оваа година има предвидено буџет кој е помал за 6,7 милиони денари во однос од минатата година што е показател на максимално дигитализрање, рационализација, ефикасност на работењето на РКЕ. Дополнителен аргумент кон рационализацијата на сите ресурси и зголемената ефикасност е тоа што трета година по ред го намалуваме процентот на зафаќање којшто го наплаќаме од компаниите кои имаат лиценци. За 2021 година процентот е 0,0441% што е за 4,13% помал од претходната година. Нaмалување на расходите има кај сите ставки, освен кај оние кои обезбедуваат зголемена заштита на здравјето на вработените поради Ковид 19 пандемијата : набавка на заштитни средства, гелови, маски, визири и се што е неопходно за чистење и одржување согласно препораките. Буџетот за следната година е максимално рационален и прилагоден на новонастаната состојба од КОВИД 19 пандемијата. Иако стартуваше имунизацијата и се очекува враќање во нормалниот живот, а тоа го наговестувааат и движењата на берзата на кои позитивно влијаеше веста за почеток на имунизацијата, сепак РКЕ останува резервиран оптимист и расходите во буџетот за следната година ги планиравме максимално рационално“ посочи Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.
Во 2021 година еден од главните фокуси на работењето на РКЕ е да се прошири листата на ранливи категории на потрошувачи во однос на енергетската сиромаштија. Станува збор за иницијатива којашто е покрената во соработка со Секретаријатот на Енергетската Заедница. Паралелно се работи и на процесот за мапирање на градот Скопје во однос на тоа прецизно да се утврди начинот на загревање на објектите во поедини делови од градот. Веруваме дека со овој проект ќе се обезбеди квалитетно и комфорно живеење, при што ќе се почитуваат еколошките стандарди, и ќе се знае точно во кој дел од градот треба да се зајакнат инвестициите во системите за централно греење за да се намалат дефектите и зголеми ефикасноста. Во 2021 година РКЕ очекува да се изгласаат измените на законот за енергетика со коишто ќе биде овозможено правично да бидат казнувани операторитедоколку го прекршат законот, што подразбира да се изрекува казна за операторите во соодветен процент од нивните остварени финансиски резултати, а не како досега да има само симболични казни.