Три угостелски објекти од Струга, Гостивар и Битола се затворени оваа недела, откако во нив биле затекнати гости и покрај забраната.
Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, соопшти дека една недела од воведувањето на новите рестриктивни мерки, седумте инспекциски служби спровеле вкупно 6.038 надзори и контроли.
„На лице место се затворени три угостителски објекти поради непочитување на Законот за заштита на населението од заразни болести и Протоколот за работа на угостителските објекти. Изречени им се прекршочни платни налози“, соопшти претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска.
Од 1-ви март досега, вклучително со последниве податоци, од страна на ДПИ, затворени се вкупно 36 угостителски објекти, поради прекршување на здравствените протоколи и закони, односно поради организирање свадби, прослави, настани, непочитување на број на присутни и групирања.
Овој инспекторат којшто покрај вршењето надзори во здравствените установи, задолжен е и за издавање решенија за изолација, во посочениот период издаде вкупно 11.962 решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на Ковид-19 и лица кои биле во контакт со заболени лица од Ковид-19, што е за 2.000 помалку споредено со претходната недела.