26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ДУИ: Помалку од 1.300 Албанци чекаат државјанство, законот од 2004 година е решението

Демократската унија за интеграција бара да се врати законот од 2004 година за добивање државјанство, според кој македонско државјанство се добиваше со потврда за завршено образование во Македонија, лекарска книшка, сметки за електрична енергија, вода и греење и други документи.

„Сметаме дека прашањето за државјанството треба да се реши според веќе успешниот модел од 2004 година, кој предвидуваше дека еден граѓанин може да добие државјанство преку поседување потврда за завршено образование во Република Северна Македонија, поседување лекарска книшка, сметки за електрична енергија, водоснабдување или греење и други документи издадени од државни институции“, велат од ДУИ.

Од партијата наведуваат дека од 1991 до 2021 година со државјанство вкупно 43.321 Албанци го оствариле правото на државјанство и само 3.374 се одбиени.

Во тек за добивање документ за државјанство се 2.674 граѓани, од кои помалку од половина се Албанци, односно помалку од 1.300 граѓани.

„За нас, дури и едно барање од наш граѓанин без државјанство, а кој ги исполнува условите, треба да се реши бидејќи тоа беше една од првите точки на нашиот договор и имаме добро искуство од минатото. Оптимисти сме дека набргу ќе најдеме заеднички јазик со опозицијата со цел да го деблокираме функционирањето на Собранието и со тоа да им помогнеме на граѓаните бидејќи во собраниска процедура се токму законите со економските пакети, главно финансиска помош за граѓаните и деловните субјекти на земјата. Со оваа неразумна блокада опозицијата остави 16.000 работници без плата и многу неусвоени закони“, велат од ДУИ.

Од таму велат дека не се ниту 70.000 Албанци што немаат државјанство, ниту 7.000, како што тврди опозицијата.

ДУИ ја повика опозицијата да престане, како што велат, да манипулира со чувствата на Албанците.