Триста починати од Ковид-19 за една недела и уште 60-тина слободни кревети во болниците, а министерот за здравство, Венко Филипче, вели сè е под контрола, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ утрово преку соопштение.
„За една недела имаме речиси 9.000 заразени. Четири пати повеќе отколку што Филипче предвидуваше за цела пандемија.
Секој ден е буквално нов пик и за починати и за заразени. Ситуацијата е одамна излезена од контрола.
Филипче е неспособен да набави вакцини. Веќе четврти месец нема вакцини. И тие вакцини кои пристигнаа се донации.
Филипче е директно одговорен заедно со Заев за сите починати од први јануари до сега, да имаше вакцини, голем број од нив ќе беа спасени.
Ситуацијата е очајна во целост. Пациентка умре затоа што во болница немаше кој да ѝ даде кислород, луѓе примаат инфузии во дворовите од болниците, а живи лежат до мртви и примаат терапија.
На целиот овој крах, го прашуваме Филипче како не му е срам да дава изјави и да тврди дека сè е во ред? Наместо да смислува изговори, нека си даде оставка веднаш“, наведе ВМРО-ДПМНЕ во соопштението.