26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Андоновска: Речиси 10 илјади граѓани се вакцинираа во Србија

Осврнувајќи се на состојбата во македонското здравство, членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска, оцени дека таа е поразителна.

„Според процените, речиси 10 илјади граѓани заминаа за соседна Србија на вакцинирање. Вакцините што стигнаа во Македонија се само една капка во морето. За кого попрво тие вакцини? Сѐ уште не се имунизирани здравствени работници, доктори, сестри, болничари, лаборанти, фармацевти, стоматолози и луѓе шот работат во здравството. Вакцини чекаат и повозрасните граѓани, чекаат и хронично болните. Ваквата катастрофална состојба во здравството е резултат, единствено на неспособноста на Филипче и Заев, кои наместо грижа за граѓаните и организирање на системот, си се возат безгрижно со мотори, уште и бесрамно си се сликаат“, вели Андоновска.

Таа упати прашање до министерот за здравство.

„Го прашуваме Филипче зошто не прифати ниту една мерка што ја предлагаше опозицијата, а ги имаше многу? Зошто не се направија тријажни центри и дневни болници во сите општини? Зошто не се ангажира невработениот здравствен кадар, кој е околу 3.000 во Агенцијата за вработување, кога знаеме дека не се проблем само кревети во болниците, туку недостига и персонал? Зошто и по повеќе од една година од пандемијата, сѐ уште нема довод на кислород во модуларната болница во Струмица и зошто модуларната во Штип сѐ уште не функционира? Зошто приватното здравство не се ставено во функција на јавното како што беше најавувано?“, запраша Андоновска.

Според неа, во државата секој ден има по 30-ина починати, а бројката на новозаболени дневно, како што рече, е четирицифрена.

Рече дека за секој еден човечки живот одговорност мора да има.