24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи на Јадранскиот форум: Инфраструктурата значајнa за поврзување со земјите од ЕУ

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во видеоформат учествуваше на Јадранскиот форум за инфраструктурно меѓуповрзување.

„Поврзувањето и градењето на инфраструктура за непречен транспорт, енергија и дигитална инфраструктура во нашиот регион би значело огромна придобивка за поврзување на луѓето и економиите внатре во самиот регион, но и нивно поврзување со земјите од ЕУ. Зголемување на поврзаноста претставува најдобар рецепт за развој преку подобрување на конкурентноста, создавање работни места и привлекување инвестиции“, истакна Османи во своето обраќање.

Министерот ја претстави и „Иницијативата 8“, која претставува политичка платформа за интензивирање и продлабочување на соработката која е од стратешки интерес за трите земји вклучени во овој процес, односно Северна Македонија, Албанија и Бугарија.

„Патната и железничката инфраструктура на Коридорот 8, помеѓу Северна Македонија, Бугарија и Албанија, претставува многу важен проект кој е од интерес не само на овие три земји од Балканскиот Полуостров туку и за целиот европски континент“, потенцира министерот за надворешни работи.

Според соопштението од Кабинетот на Османи, главната цел на Форумот била ставање во фокус на транспортната поврзаност и евентуалните можности што би произлегле од натамошниот развој и интеракција помеѓу агендата за меѓуповрзување и Јонската макрорегионална зона, пресек на западнојужната рута на Јадранско-јонскиот коридор со источнозападната рута од Црното Море до италијанските јадрански региони, како и подобрување на условите за непречен транспорт на добра и луѓе од истокот кон срцето на Европа и обратно.