25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Заев: Органодарителството е највисок акт на човечност и хуманост

Органодарителството е највисок акт на човечност и хуманост и ја подига свеста за уште многу успешни трансплантации за излекување и за спасени животи, рече Зоран Заев, кој преку видеообраќање до сите граѓани упати порака во име на ширењето на свеста и на едукацијата за донирање органи и ткива.

„Понекогаш пресадувањето органи и ткива е единствен метод за лекување на болните и спас за животот на некои наши сограѓани. Најголем проблем претставува недостигот од органи и ткива, кои се соодветни за пресадување, и донори. Во таа насока секој од нас може да придонесе. На пример, секој од нас може да се посвети на ширењето на свеста и на едукацијата за донирање органи и ткива. Со едукација и споделување на пораката ‘Дарувај живот’, може секој ден да правиме по еден чекор за да помогнеме да спасиме и излекуваме повеќе животи и да ги почитуваме и славиме дарежливоста и сочувствувањето на донорите“, вели Заев.

Секако, додава тој, нашите мисли постојано треба да бидат со оние што во моментот чекаат органи за трансплантација и спас на нивниот живот, но и да се сеќаваме на оние што починале чекајќи затоа што навреме не бил дониран орган.

„Пресадувањето органи е едно од најголемите достигнувања на модерната медицина и нашите здравствени работници имаат сериозно искуство во оваа дејност. Минатото лето, во време кога целото наше внимание, целиот наш здравствен систем е ставен во функција на справување со најголемата глобална здравствена криза поради пандемијата на Ковид-19, нашите врвни лекари и асистентскиот медицински персонал се обединија и ја направија првата трансплантација на срце од починат донор. Ги здружија капацитетите, знаењата, искуството и стручноста за да извршат зафат што претставува круна во кардиологијата и медицината воопшто. Сметам дека тоа е силно охрабрување и за дарителите на органи. Не постои ништо похумано од тоа некому да му го продолжите животот со донирање орган, а не постои поголемо охрабрување и надминување на стравовите и дилемите за донирањето доколку сите ние повеќе зборуваме за тоа“, вели преимиерот.

Токму затоа, додава тој, за ова прашање имам разговарано со најтесниот круг од моето семејство и имам оставено аманет дека сум подготвен лично да придонесам нечиј живот да биде спасен.