25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Јаневска: Научници и професори потврдија дека реформите на Царовска се несериозни

Научниците и професорите на вчерашната јавна расправа за Концепцијата за реформи во основното образование, потврдија дека реформите на Царовска се несериозни и недозволиви, изјави Весна Јаневска од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа оцени дека расправата започнала со презентација на делумно изменета концепција, која требала да ги обесхрабри говорниците, но тоа не се случило.

„На расправата преовладаа мислењата дека предложената концепција за основно образование е избрзана, несериозна, неаналитична и нереална, односно неспроведлива. Иако сите се согласија дека реформа во образованието е потребна, оваа вака конципирана реформа не ја одобрија. Во нивните излагања беа потенцирани бројни недостатоци, недоследности и системски пропусти што јасно укажува на фактот дека предложената Концепција ни одблизу не ги третира и решава вистинските проблеми во основното образование и не ги обезбедува стандардите потребни за квалитетно образование во Македонија“, рече Јаневска.

Нагласи дека апелите на повеќето универзитетски професори биле предложената концепција да се повлече и да се креира нова на соодветен и транспарентен начин со учество на сите релевантни институции од образовниот систем во Македонија, а не само претставници од невладиниот сектор и избрани политички подобни поединци.

„Се инсистираше на зачувување на посебните предмети, особено предметот историја., за што беа понудени со факти и компаративни анализи поткрепени образложенија. И во новата варијанта на концепцијата, прикажана ненајавено вчера, историјата останува интегриран предмет со граѓанско општество што според мислењата на експертите е недозволиво. Професорите побараа зголемување на бројот на часови по музичко и ликовно образование за исполнување на критериумот учење низ игра и уметности. Потенцирана беше потребата од модерни учебници и други материјали за поддршка на учениците, но и наставниците, за кои концепцијата вели дека се непотребни освен за одредена група предмети“, рече Јаневска.

Поради сето ова, таа апелира до министерката Мила Царовска да ги слушне мислењата на експертите, да ја повлече концепцијата и да пристапи кон креирање на нова, според посочените аргументи на говорниците, затоа што неуспехот на оваа реформа би афектирал околу 170 000 деца.