24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ поднесе законски измени за средното образование: „Ги поддржуваме барањата на средношколците“

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денес поднесе предлог-закон за измени и дополнување на Законот за средното образование. Имено, по средбата пред два дена со дел од претседателството на Сојузот на средношколците на Република Македонија, од опозицијата посочија дека целосно ги поддржуваат и преку институциите ќе ги канализираат своите барања.

„Барањата на средношколците се основани и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ со овој чекор ќе им помогне, наместо да го губат времето во бојкот и бирократски процедури што траат премногу долго, да се смени законот и тие да може да се насочат на учење“, истакна Игор Здравковски, пратеник од пратеничката група.

Средношколската унија во Македонија испрати барање до сите пратенички групи со кое предвидуваат олеснување на полагањето на матурата, односно проектна задача и полагање 2 предмети наместо 4, и тоа: мајчин јазик и уште еден кој ќе биде соодветен за понатамошен упис на факултет за оние што планираат да го продолжат своето образование.

ВМРО-ДПМНЕ ги повика сите други пратенички групи, без разлика дали се од мнозинството или од опозицијата, да го поддржат овој предлог-закон.

„Матурантите не бараат прашања од пониско ниво, како што најавија од Државниот испитен центар, затоа што тоа е директно штетно влијание со намалување на квалитетот на образованието, туку бараат по примерот на Обединетото Кралство, Ирска, Франција, Белгија, кои ги укинаа испитите оваа година, токму поради состојбата во образованието во услови на пандемија, кај нас да се намали нивниот број. За брза реализација на овој чекор, треба само добра волја и, конечно, намалување на егоцентричноста и ароганцијата на Царовска и за доброто на образовниот систем да ги прифати сите пропусти, да почне со правење анализи и носење рационални решенија“, рече Здравковски.