И Стево Пендаровски стана дел од пазарџиско-политичката операција наречена попис по стандарди на Зоран Заев, велат од ВМРО-ДПМНЕ, откако вчера претседателот го потпиша Указот за прогласување на Законот за попис на населението.
Според опозицијата, наместо реална статистичка слика, очигледно власта е решена да спроведе попис без јасна методологија и без општествен консензус.
„Целта е јасна, Заев прави политички договор за кој веќе почнаа да се шпекулираат бројот на население, проценти и резултати, на кој само треба да се стават врзаните потписи на директорот и заменик-директорот на Заводот за статистика. Тоа е класична политичка операција. Дека ова е политика, а не статистика говори и фактот што целата операција се прави во време на епидемија, кога голем број земји од регионот и Европа ги одлагаат своите пописи за да ги заштитат пред сè своите граѓани, но и да добијат прецизна слика. Власта во Македонија напротив, брза, со цел да го скрие својот политички договор“, смета ВМРО-ДПМНЕ.
Oд партијата велат дека од ваквиот насилен попис во кој биле одбиени сите конструктивни предлози на опозицијата, штета ќе имаат сите граѓани, а најмногу Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ додава дека е потребно да биде спроведен попис, но како статистичка а не политичка операција, па затоа тие ќе почнат со собирање граѓански потписи со цел поништување на Законот.