25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Нема да признаеме талибански попис

Заев кој организираше талибански избори, сега талибански ќе попишува, ВМРО-ДПМНЕ нема да признае таков попис, велат од опозициската партија преку соопштение.

ВМРО-ДПМНЕ го повтори барањето за набавка на 10.000 терминали кои ќе бидат со можност за отисок од прст. На тој начин, велат од опозицијата, ќе се изврши реален попис, кој ќе ни даде реални статистички информации.

„Со терминали за отисок од прст ќе се изврши реален увид на сите резидентни граѓани, и со тоа ќе се изврши дистинкција од граѓаните кои имаат државјанство, од актуелните резиденти“, додава ВМРО-ДПМНЕ.

Нагласуваат дека се злоупотребува европското знаменце при носење на Законот за попис и истиот се спроведува како политички договор, а не како статистичка операција.

„Власта ги води сите работи без консултација на опозицијата. До сега не кажале по каков метод планираат да го извршат пописот. Со криењето на методот оставаат дополнителен сомнеж пред се во јавноста. Според начинот на кој СДСМ сака да го спроведе пописот во државата можат да излезат и нереално да се избројат и 3 милиони жители, што во ниту еден случај нема да соодветствува со реалноста“, истакнува ВМРО-ДПМНЕ додавајќи дека туркање на пописот на сила е кобно за државата.