Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, му возврати на премиерот Зоран Заев, кој вчера на „Фејсбук“ се заблагодари за најавената донација на вакцини против Ковид-19 повторувајќи дека тие секогаш се тука да им помогнат на соседите и пријателите.
„Ние секогаш сме подготвени да им помогнеме на нашите најблиски соседи и пријатели. Ова му го кажав на премиерот Зоран Заев, кој ни се заблагодари за подготвеноста да им помогнеме во обезбедувањето вакцина против Ковид-19. Ситуацијата е навистина тешка и треба да се поддржуваме и да сме солидарни едни кон други. Секој живот е важен и ќе вложиме максимални напори да го зачуваме“, напиша Борисов на „Фејсбук“.
Притоа тој ја сподели објавата на Заев, во која ѝ се заблагодарува на Бугарија.
Бугарската влада на седница, на која присуствуваше и министерот за здравство, Венко Филипче, одлучи дел од секоја пратка на вакцините што ги купила од производителите да го донира за Северна Македонија.