Проектите што ги реализираме не само што не се забавени туку во овие стотина дена од новата Влада добија и поголем интензитет, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, на денешната прес-конференција, на која информира за реализираните активности на Министерството во првите 100 дена.
Показател за тоа, како што рече тој, е движењето на градежниот сектор, кој во третиот квартал оствари раст од 3,4-процентни поени, како и фактот што во градежните компании нема отпуштање вработени.
„Завршивме со изградба на првиот дел од експресниот пат Штип – Кочани, односно ја пуштивме во употреба делницата Штип – Крупиште. Интензивно продолживме со изградба на експресниот пат Штип – Радовиш и експресниот пат Ранковце – Крива Паланка. На вчерашната седница на Владата донесовме одлука за преземање на градежните активности од нов изведувач на експресниот пат од Градско до Прилеп, односно делница Градско – Дреново. Тоа значи дека сега имаме чист терен за работа и активно продолжуваме со изградба на оваа значајна патна врска кон Пелагонија.
Понатаму, ги завршивме сите нови проекти што беа пропуштени при изградба на автопатот Кичево – Охрид и сега имаме забрзана динамика на изградба. Уште еден значаен проект што го работи Министерството за транспорт и врски е проектот за изградба и санација на локални патишта, вреден 70 милиони евра. Деновиве ќе потпишеме договор со изведувач и почнуваме со реконструкција на 27 патишта во 13 општини“, изјави Бочварски.
Во делот на железничкиот сообраќај министерот истакна дека е завршена изградбата на пругата Битола – Кременица, а Министерството е во фаза на издавање употребна дозвола за користење на пругата. Тој се осврна и на проектите во комуналната инфраструктура, каде што активно се работи на над 20 проекти за изградба и реконструкција на канализациска и водоводна мрежа, на почнување изработка на нов закон за градење, како и договор за изработка на ГУП за Град Скопје.
„Во насока на обезбедување дом за ранливи категории граѓани, преку АД за стопанисување со станбен и деловен простор почнавме со изградба на две нови социјални згради во Демир Капија со 16 стана и во Гевгелија со 52 стана. Набргу очекуваме да почне да се гради нова зграда и во Велес со 29 стана. Во овој момент се градат вкупно 576 социјални станови“, потенцира министерот Бочварски.