23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Потпишан договор за партнерство, трговија и соработка со Обединетото Кралство

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, заедно со амбасадорката на Обединетото Кралство, Рајчел Галовеј, на свечена церемонија ја потпишаа Спогодбата за партнерство, трговија и соработка меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство.

„Денес одбележуваме крунисување на еден долг, значаен процес, започнат уште пред три години, а кој претставува суштински израз на вредностите на дипломатијата да создава можности и потенцијали за бизнисите, за општествата и воопшто за граѓаните“, истакна Османи.

По тој повод беше оценето дека Обединетото Кралство во изминатите десет години прераснало во еден од најзначајните трговски партнери на Северна Македонија и меѓу десетте најголеми извозни и увозни дестинации на нашта земја.

„Договорот значи потенцијал за бизнисите да ја зголемат економската активност меѓу двете земји, тоа ќе значи потенцијал и за останатите бизниси да оформат нови релации на соработка ослободени од бариерите на границите; ова е потенцијал и за нови британски инвестиции овде во Северна Македонија, за нови работни места, за поголема активност и на домашните компании и, секако, потенцијал за севкупен економски напредок, што претставува круна на одличните односи меѓу двете земји“, истакна Османи.

Министерот додаде дека во овој период, кога нашите амбиции за членство во Европската Унија се исправени пред сериозни предизвици, никој од нас не е среќен што Обединетото Кралство ја напушта Унијата, но претставува вистинска дипломатска победа тоа што потпишуваме договор со кој ги зацврстуваме нашите односи и поставуваме темели за уште подлабока и поширока економска и политичка соработка.

За време на церемонијата на потпишување на спогодбата, свое обраќање имаше и амбасадорката на Обединетото Кралство во Република Северна Македонија, Рејчел Галовеј, а преку видеолинковско вклучување се обрати и Мартин Викерс, специјален пратеник за трговија со Западен Балкан на премиерот, Борис Џонсон.