„Посветуваме внимание на зајакнување на постоечките капацитети за производство на електрична енергија, но и на инсталирање нови капацитети, пред се еколошки здрави. Затоа и ЕУ позитивно не оценува во овој дел, како што е примерот во Осломеј каде што сонцето е извор на енергија. Најважно во моментов е намалување на загадувањето, пред се на воздухот, што е европска тенденција. РЕК Битола е столб на енергетиката, но и на ЕСМ и на државата. Ние мораме до го одржуваме производството таму се додека не најдеме нови резурси. Кога ќе имаме Фотоволтаични централи тогаш ќе биде поинаку.“- изјави директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, во „Утрински брифинг“.
Според него, ќе продолжат инвестициите и во парковите со ветерници кои прозведуваат струја со помош на ветер.
„Ние имаме еден ветро-парк кај Богданци, а сега се инвестира во Миравци кај Гевгелија, но постојат и други локации на кои може ветерот да биде ресурс за производство. До тогаш ќе ги користиме потенцијалите кои ги имаме. Во моментов работат два блока во РЕК Битола. Нашите рудници се активни и се доволни за работа на овие два блока, иако резервите на јаглен се намалуваат. На блок 1 не му е завршена модернизацијата, но до 2025 година ќе завршиме, односно ќе инсталираме гасна централа која ќе го замени, но истовремено тоа ќе биде комбинирана гасна топлана затоа што ќе произведува и топлинска енергија, пред се за Битола, а со тоа и ќе се намали загадувањето затоа што од греењето доаѓа голем дел од загадувањето во повеќе градови. “- дополни Ковачевски.
Според него блокот 2 ќе работи до 2031 година, а претходно место него ќе се обезбедат алтернативни извори за производство на струја.