25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи: Европската перспектива на Западeн Балкан значи стабилност за целиот континент

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денес оствари видео средба со членовите на неформалната пратеничка група “Пријатели на Северна Македонија” во Европскиот парламент, предводена од евро пратеничката Ирена Јовева од Словенија. Во групата “Пријатели на Северна Македонија” учествуваат 30-тина евро претставници од Словенија, Хрватска, Австрија, Бугарија, Грција, Франција и Германија.

Изразувајќи благодарност на членовите за доброволната активност и директна вклученост во промовирањето на Северна Македонија во евро-интегративниот процес, Османи изрази уверување за идната плодна соработка помеѓу институциите на нашата земја и Европскиот парламент на патот кон отпочнување и водење на пристапни преговори и целосно интегрирање на нашата земја во европското општество.

„Северна Македонија ќе продолжи со сите напори да бара разумни решенија за надминување на било какви разлики со Бугарија, и останува посветена на реформскиот процес и сите останати сегменти кои се дел од нашите евроинтегративните приоритети. Притоа, ние сѐ уште сметаме дека постојат пристојни шанси, доколку го искористиме продуктивно периодот пред нас, да се одржи првата Меѓувладина конференција во рамките на германското претседателство“, истакна Османи, информирајќи ги притоа пратениците за актуелните случувања поврзани со европската агенда на земјата.

Од пратениците беше подвлечена силната поддршка за европската перспектива на Северна Македонија. Европскиот парламент како институција останува позитивна кон политиката за проширување и кон позитивните пораки за Северна Mакедонија, вклучително и за почеток на пристапните преговори за што редовно повикува во своите резолуции. Беше нагласена важноста за континуитет на реформите за создавање позитивна атмосфера за отпочнувањето преговори, при што беше најавено и продолжување на дијалогот Жан Моне, со цел интензивирање на соработката помеѓу политичките партии во насока на инклузивност на процесот преговори. Нагласувајќи го геополитичкиот аспект за важноста на проширувањето на ЕУ со регионот, беше едногласно констатирано дека Западниот Балкан е важен не само за безбедноста и стабилност на ЕУ, туку и за севкупниот економски, политички и општествен напредок на континентот, соопшти МНР.