23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Во Зоолошката градина се гради поудобно живеалиште за двете слоници

Во скопската Зоолошка градина во тек се градежни зафати кои треба да го приспособат животниот простор за двете популарни скопски слоници. Дуња и Даела се со големи разлики во возраста, па младата Даела понекогаш е премногу палава за бабичката Дуња. Тоа му доаѓа како познатиот генерциски јаз кај луѓето, само што тој кај слоновите поинаку се манифестира – замислете вашата внука да има 4 тони.

Во таквите периоди многу е важно двете слоници привремено да уживаат во прошетките одвоени една од друга. Токму тоа е главната причина поради која во текот на есента и зимата ќе се работи на градежни зафати, кои вклучуваат и големи потпорни ѕидови за кои сите материјали во вредност од речиси половина милион денари ги обезбеди еден од пријателите на скопската ЗОО, цементарницата „Усје“.

Сите се надеваат дека уредувањето на приспособениот надворешен простор ќе биде финализиран до следната пролет. Сепак, посетителите на скопската ЗОО и во овој период ќе може да уживаат во редовните прошетки на популарните Дуња и Даела во другиот дел од нивниот двор мамејќи ги љубопитните погледи и радувајќи ги особено најмладите.