23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Арсовски: Дали владата на Заев се откажа од македонските херои кои се темел на државноста?

Зоран Заев, Никола Димитров, Радмила Шеќеринска, Стево Пендаровски се луѓето кои го излажаа и изманипулираа целиот македонски народ, порача на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

„’Домат дипломатијата’ и ‘Кај си љубави, те поздрави Зоки’ дипломатијата не може да не однесат во ЕУ. Пазарџиското однесување на Заев, каде што ветува, а не исполнува не е и не може да биде начинот и патот на станување земја членка во ЕУ. Заев, Пендаровски и Димитров неколку дена молчат и не кажуваат што тоа договориле во Берлин, односно што прифатиле во Берлин на штета на македонскиот народ“, порача партискиот портпарол.

Тој обвини дека граѓаните за преговорите со источниот сосед дознаваат од бугарските медиуми и бугарските политичари кои, како што рече, гордо можат да се пофалат со она што им го ветил Зоран Заев.

„Она што може да се сретне и чуе низ бугарските медиуми и политички чинители е дека постоеле три услови, а тоа се јазикот, името на државата и добрососедските односи, односно ова се услови кои директно удираат врз идентитетот, државноста и постоењето. Никој не ги споменува историјата и хероите и тука сакаме да прашаме дали тоа значи дека Заев, Пендаровски и Димитров и останатите прифатиле се што источниот сосед побарал во однос на историјата и историските личности, односно македонски херои“, запраша Арсовски и продолжи:

„Дали ова значи дека Заев се откажал и од Гоце и од сите останати историски ликови и случувања во минатото, врз кои што почива македонската држава и македонскиот идентитет“.

На крајот тој побара итна оставка од Владата и експертска влада за национален спас, во која, како што рече, никогаш повеќе нема шарлатани да ја водат надворешната политика.