Низ медиумите вчера излезе сериозна вест придружена со слики, според која фатен бил камион со нецаринета брендирана стока, која вклучува и автомобилски делови, а крајната дестинација била скопската населба Шуто Оризари, посочи на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Тој јавно праша дали камионот што ја превезувал стоката е на блискиот соработник и пријател на семејството Заеви, кој имено е и сопственик на фирмата „Сакаов транс“, која, пак, е вршител на транспортот на стоката.
„Дали стоката што била превезувана, за којашто медиумите пишуваат дека е на фирмата ‘Винекс текстил’, е на блискиот пријател на Заеви и бизнис-партнер во одредени бизниси на семејството Заеви, Крмзов, кој, пак, важи и за близок пријател на братот на Зоран Заев, Вице Заев. Дали во моментите кога бил камионот однесен во полициската станица од страна на службените лица, превезувал нецаринета, односно шверцувана стока и дали има некаква белешка за тоа? Бидејќи службените лица за тоа и го застанале и го однеле во станицата“, се дел од објаснувањата кои во врска со овој случај ги побара претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој исто така посочи дека ова е вест како од времето на транзицијата, исполнето со шверц и криминал.
„Дали е вистина дека вчера откако камионот бил фатен со оваа стока што неофицијално чини над стотици илјади евра, половина Министерство за внатрешни работи, вклучувајќи ги и раководните структури на министерството се јавиле да интервенираат за камионот да биде ослободен и пуштен“, праша Арсовски и посочи дека во овој случај МВР е најповикано и доколку има вакво заташкување, сите оние коишто ѕвонеле да ургираат треба да одговараат.