23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Шахпаска: Законот за спречување и заштита од дискриминација е од големо значење за сите граѓани

Законот за спречување и заштита од дискриминација претставува важна алатка во усогласување на домашното со европското законодавство особено за земји како нашата кои претендираат да бидат дел од Европската Унија, истакна Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, на денешната јавна расправа пред второто читање на Законот, организирана од страна на Комисијата за европски прашања и Комисијата за еднакви можности во Клубот на пратеници.

Таа го потенцираше периодот наназад како период на вакум кога граѓаните немаат каде да ги адресираат своите проблеми.

„ Ова законско решение беше изгласано во 2018 година, кога тогашниот претседател на државата не го потпиша указот за негово прогласување и оттука повторно беше вратен во Собранието и пратениците го изгласаа. Заради процедурални пропусти во мај оваа година беше укинат од Уставниот суд“, рече Шахпаска.

Министерката посочи дека овој Закон регулира и избор на Комисија за спречување и заштита од дискриминација, која е независно тело составено од седум професионалци со седум годишно искуство од областа на човековите права и пет години во делот еднаквост и недискриминација.

„ Со овој Закон е предвидено не само Комисијата да дава препораки и мислење, туку доколку дискриминаторот не постапи согласно препораките да може да се покрене постапка пред прекршочен суд, а притоа пристапот на граѓаните за заштита на нивните права доколку процесот продолжи во судска постапка е на товар на Буџетот на државата“, истакна министерката.

Шахпаска новиот предлог закон за спречување и заштита од дискриминација го посочи како добро законско решение кое ги адресира сите основи на дискриминација , претставува усогласување со европското законодавство и усогласување со член 9 од Уставот според кој сите граѓани се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.