23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Сокриле дрога во грмушка на патот за Струга – полицијата ги фатила

Врз основа на вештачењата извршени по наредба на обвинителството и прибраните докази, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, издаде Наредба за спроведување на истражна постапка против еден албански државјанин и двајца дебарчани. Постои основано сомнение дека осомничените во текот на месец јули годинава, сториле неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Во јули годинава кога првоосомничениот, 33-годишен албански државјанин, неовластено заради продажба на територијата на нашата држава внел марихуана од Албанија, со вкупна тежина од 5, 480 кг. Дрогата, била спакувана во јутена вреќа која, за да не биде откриен, ја сокрил во грмушка на место викано „Врабич“ на регионалниот пат Дебар – Струга.

Тројцата осомничени на 20 јули 2020 година, околу 13.30 часот со возило „голф“, сопственост на еден од осомничените, дошле до местото каде била сокриена дрогата. Притоа, првоосомничениот излегол од автомобилот со намера да ја пронајде вреќата, додека другите двајца продолжиле во правец кон Струга. Додека првоосомничениот ја извлекувал вреќата со наркотичната дрога од грмушката бил забележан од полициски службеник и се дал во бегство. Во меѓувреме, двајцата дебрани со цел да го земат првоосомничениот се вратиле на локацијата, но откако го виделе полицаецот продолжиле кон Дебар каде биле запрени од полициски службеници и лишени од слобода. Обвинителството издало наредба за вештачења, меѓу кои и на траги од јутената вреќа во која се наоѓала дрогата.

Пристигнатите наоди од вештачењето покажуваат присуство на ДНК на двајцата осомничени и во корелација со другите докази ја даваат основата за издавање на Наредбата за спроведување на истражната постапка. Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничените.