22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

СДСМ: Заштитата на јавното здравје е врвен приоритет, нема толеранција за прекршителите на мерките

„Со зголемувањето на бројот на новозаразени од коронавиусот може да се справиме само со строго почитување на мерките за заштита на личното и јавното здравје – носење маска, одржување дистанца и редовна дезинфекција. Заштитата на јавното здравје е врвен приоритет. Од почитувањето на мерките за лична заштита и здравствените ковид-протоколи зависи дали ќе се воведуваат дополнителни рестрикции“, соопшти СДСМ.

Според партијата, во сериозната состојба со трендот на раст на инфицирани нема толеранција за прекршителите на мерките, ниту толеранција за тие што свесно, преку погазување на протоколите и мерките, предизвикуваат ширење на коронавирусот.

Владата предводена од СДСМ, по барање на инспекцискиот совет, усвои измени на Законот за заштита на населението од заразни болести, со кои инспекциските служби добиваат нови, поголеми овластувања за справување со прекршителите на ковид-протоколите.

Доколку инспекторите утврдат прекршување на здравствените протоколи, ќе имаат овластување на самото место да изречат привремена забрана за вршење на дејноста од 10 до 30 дена на правните субјекти.

„Коронавирусот не штеди никого, никој не е имун, затоа од исклучителна важност е почитувањето на сите здравствени ковид-протоколи и заштитни мерки за да се заштити здравјето на секој граѓанин. Ниту здравствените работници ниту другите надлежни служби оваа битка не може да ја извојуваат сами. Да се обединеме и да се поддржиме меѓусебно, битката против невидливиот непријател мораме да ја водиме сите заедно, само заедно ќе го победиме“, се вели во соопштението.