Лошата цена од 6-7 денари по килограм, но и немањето откуп воопшто е причина на вистинска катастрофа во Тиквешијата, рече денеска на прес-конференција Златко Пенков од ВМРО-ДПМНЕ, според кој, нема загарантиран откуп и нема високи откупни цени, а лозарите тонат.
„Понудените цени за сите сорти грозје се катастрофално ниски и не можат да ги покријат направените трошоци за производство. Трошоците за производство оваа година многукратно се зголемија, посебно во делот зa заштитата на виновата лоза. Тоа значи дека лозарите оваа година работат со огромна загуба.
Наместо богат, моќен и независен земјоделец, нашите лозари сè повеќе стануваат сиромашни и зависни“, посочи Пенков.
Тој додаде и дека сè повеќе лозари носат одлука да го напуштат лозарството, затоа што не можат да обезбедат егзистенција за себе и своите семејства.
„Постои сериозна опасност, милиони килограми од овогодишниот род на грозје да не се откупи. Тоа е штета која никој нема да им ја надомести на лозарите, тоа се помалку пари за нив и за нивната егзистенција, но и за враќање на долговите кон земјоделските аптеки. Ова ќе ги остави лозарите со празни џебови и долгови“, предупреди претставникот на ВМРО-ДПМНЕ и ја обвини власта дека воопшто не седнала на заедничка маса со лозарите, винарите и дистрибутерите, за да разговара за надминување на состојбите.
„Веројатно требаше изборите да поминат, па да се разоткрие дека ветувањата кон лозарите се само груба манипулација кон нив“, рече Пенков, кој порача дека селективните политики во земјоделството доживеале комплетно фијаско.