Македонско еколошко друштво се приклучува кон апелот на повеќе од 100 граѓански организации од целиот свет кои бараат од Обединетите нации да се воведе нов член во Универзалната декларација на човекови права, со цел да се осигури универзално право на здрава природна средина.
Доколку успеат, ова ќе биде првиот амандман кон Декларацијата од нејзиното воспоставување во 1948 година.
Кампањата #1Planet1Right (Една Планета – едно право) е посветена на воспоставувањето на ново универзално човеково право, правото на здрава природна средина. Кампањата ја води најголемото светско партнерство на организации за зачувување на природата, BirdLife International заедно со други граѓански организации како ClientEarth и Глобалниот пакт за животна средина.
Д-р Дејвид Бојд, специјалниот известувач од ОН за човекови права и животна средина, исто така ја поддржа кампањата. Кампањата испрати и писмо до Антонио Гутереш, Генералниот секретар на Обединетите нации на Денот на планетата Земја и побара воведување на ова човеково право. Лансирањето на глобалната петиција е дополнителен притисок врз ОН да го разгледа барањето.
Кампањата #1Planet1Right ги повикува Обединетите нации да гласаат правото на здрава природна средина да биде дискутирано во Советот за човекови права, во Генералното собрание на ОН, и како итна тема да се постави на Самитот на ОН за биолошка разновидност во средината на септември 2020, со цел ова право и конечно да се вклучи во Универзалната декларација на човекови права до 2023 година.
Според Светската здравствена организација, 23% од смртните случаи во светот се поврзани со загадување или уништување на нашата природна средина (1), а стотици милиони луѓе страдаат од болести поврзани со нездрава животна средина. Проблемот со пандемијата на ковид-19 е вкоренет во загубата на живеалишта и нелегалната трговија со диви животни. Ова ново човеково право може да овозможи глобално зелено заздравување, кое на светот му е потребно по пандемијата.
„Како еколошка организација, нам ни е драго дека нашиот устав го гарантира правото на секој граѓанин на здрава животна средина. Од друга страна, сведоци сме дека тоа е гаранција која тешко се исполнува. Затоа ни е јасно дека ниту една држава, односно нејзините граѓани, не можат целосно да се изборат за ова право настапувајќи самостојно. Природата, животната средина – тие немаат граници, и сè додека нивната заштита не стане цел на сите граѓани на планетата, човештвото ќе се соочува со зголемен ризик од влошување на условите за живот. Во таква состојба, гарантирањето и исполнувањето на гаранциите за здрава животна средина, како основно човеково право, мора да ги надрасне државните граници. Затоа, и вас ве повикуваме да учествувате во оваа глобална кампања, да помогнете правото на здрава планета да биде универзално право“, изјави Велевски, по повод почетокот на оваа глобална кампања“, вели Методија Велевски, заменик-директор на Македонско еколошко друштво.
Дејвид Р. Бојд, специјален известувач од ОН за човекови права и животна средина нагласува дека правото на здрава планета, како универзално признаено човеково право, би било силна алатка во битката за спасување на нашиот живот на планетата.
„Осигуреното право на здрава природна средина е она што им овозможува на многу држави во светот да напредуваат. Затоа сега треба да го искористиме налетот на глобалните еколошки кризи за да ги убедиме Обединетите нации дека признавањето на ова право ќе биде од корист за сите нас. Човековото право на здрава планета, ако се признае од страна на сите нации, ќе биде едно од најважните човекови права во 21. век“, нагласува Бојд.
Доколку ја потпишете оваа петиција вие му овозможувате на МЕД да бара од нашите претставници во Обединетите нации да ја поддржат оваа иницијатива. Вашиот глас овозможува подобра основа за борба со климатските промени и загадувањето, подоследно применување на националните закони од областа на заштита на животната средина и посуштинско информирање и образование за оваа тема.