25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Николов: Здравство без хартија и модернизација на Клиничкиот центар во Скопје

Здравство без хартија, модернизација на Клиничкиот центар во Скопје и реконструкција на здравствените центри во државата, вети Игор Николов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Наместо да го задржат, продолжија да ги бркаат медицинарите и медицинскиот персонал. Наместо нов клинички центар, никна паркинг за 200 возила во рамките на кампусот клиники ‘Мајка Тереза’. Наместо подобрување на лекувањето во јавното здравство, најдоходовните процедури ги изнесоа од системот, а устите им се полни со Европската Унија“, рече Николов.

Токму затоа, додаде Николов, ВМРО-ДПМНЕ нуди програма, конкретни проекти и мерки.

„Фокусот во здравството ВМРО-ДПМНЕ го става еднакво како на пациентите така и на медицинскиот персонал. Целта е навремена и соодветна здравствена услуга, задоволни пациенти, задоволен медицински персонал, медицински персонал кој ќе остане тука, а не да работи во здравствените установи во светот, а граѓаните во Македонија да нема кој да ги лекува“, рече Николов.

Некои од клучните аспекти на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, истакна тој, се: воспоставување целосно функционален концепт на здравство без хартија, кој подразбира целосна дигитализација на здравствениот и фармацевтскиот систем, формирање национално координативно тело за здравство, кое ќе придонесе за оптимизација на здравствениот третман на пациентите и модернизација и функционална интеграција на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, Универзитетска градска болница „8 Септември“, модерна универзитетска Клиничка болница во Штип и реконструкција на здравствените центри во целата држава.