23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Заев: Покажавме дека можеме многу подобро од ВМРО-ДПМНЕ, кои знаат само да земаат од граѓаните

Време е за нови инвестиции, време е за нови иницијативи, за нови успеси на кои се обврзуваме и пред граѓаните и пред нашата економија, порача на прес-конференција во Струмица пртетседателот на СДСМ и носител на листата во четвртата изборна единица, Зоран Заев.

https://www.youtube.com/watch?v=wsvTFwWUYw4

„Економски патриотизам е зголемување на минималната плата на 20.000. Тоа е за 120% повеќе од оние 9.000 денари месечно што ги наследивме од ДПМНЕ. Економски патриотизам е зголемување на просечната плата на 34.000 денари, до крајот на мандатот. Економски патриотизам е кога платите во здравството ги покачуваме секоја година за 10 отсто или вкупно 40 отсто до 2024 година, за лекарите да бидат мотивирани уште повеќе и уште подобро да се грижат за нашето здравје“, рече Заев во своето обраќање.

Тој ги спомена и проектите за зголемуваме на пензиите за, како што кажа, над 21 отсто за оние со најниски пензии во следните 4 години, како и 18-те милиони евра издвоени за платежна картичка за поддршка на угостителството, за купување домашни производи и услуги и плус 10 милиони евра за ваучери за туризам.

Рече и дека предвидено е зголемуваме на субвенциите за земјоделците од 160 на 200 милиони евра годишно со навремена исплата и редовна исплата.

„800 милиони евра за 4 години, директно кај нашите македонски земјоделци, во нашето земјоделство, во нашето стопанство. Обезбедуваме и бесплатна зелена нафта за земјоделците“, порача претседателот на СДСМ.

Додаде дека за отворање на сопствени фирми, за млади и жени, обезбедени се грантови до 15.000 евра.

„Обезбедуваме повисока социјална помош за 34.000 домаќинства и детски додаток за 65.000 деца! Градиме 777 социјални станови низ целата држава! Ова е нашата понуда за следниот четиригодишен мандат. Понуда зад која гордо застануваме и убедени сме дека ќе ја исполниме во новиот чист мандат“, кажа Заев и нагласи дека со ваква програма нема дилема дека коалицијата „Можеме“ е победник на изборите на 15 јули.

„СДСМ го реализира концептот Парите назад кај граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ е против секоја мерка со која парите одат кај граѓаните. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ покажаа дека не знаат економија, знаат само да земаат од граѓаните“, истакна лидерот на СДСМ и носител на листата во четвртата изборна единица.