23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Рудникот САСА донираше апарат за анестезија на кочанската болница

Денеска во општата болница со проширена дејност – Кочани беше извршено официјалното примопредавање на новиот апарат за анестезија, донација од Рудник САСА.

Се работи за најсовремен апарат за анестезија модел Fabius plus XL од производителот Dräger од Германија. Апаратот содржи и респиратор, односно интегриран модул за мерење на концентрација на гас во дишниот систем (SCIO модул).

„Би сакал од мое име, како и од името на вработените во ЈЗУ Општа болница – Кочани, да изразам голема благодарност до Рудник САСА, како општествено одговорна компанија, за несебичната помош во справувањето со Ковид-19 пандемијата. Со оваа донација ќе имаме заокружен систем за лекување и на најтешките болни со апарат за анестезија и статичен респиратор во интензивната нега, како и мобилен респиратор за транспорт на болните во повисоките инстанци“, изјави директорот на општата болница со проширена дејност – Кочани, Др. Александар Серафимов.
Овој современ медицински апарат за болницата во Кочани е дел од вкупната донација на рудникот САСА за справување со пандемијата на Ковид-19 во нашата земја, која се состои од медицинска опрема, заштитни материјали, прехранбени и хигиенски производи и парични средства.

Упатувајќи голема благодарност кон целокупниот персонал на болницата Кочани, како и до сите останати здравствени работници ширум земјата, за нивниот ангажман и залагање во третманот на пациентите со Ковид-19, како и на останатите пациенти, генералниот директор на Рудник САСА, Олег Телној изјави: „Горди сме што во овие тешки времиња имаме можност да помогнеме онаму каде што помошта е најпотребна. Соработуваме со институциите на локално и национално ниво за да утврдиме како можеме најдобро да придонесеме во борбата против Ковид-19. Веруваме дека донациите што ги обезбедивме, како што е оваа за болницата во Кочани, ќе придонесат сите заедно полесно да ги надминеме предизвиците што оваа пандемија ни ги наметна“.