24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Шекеринска за ТВ 24: ВМРО-ДПМНЕ се потсмеваше и ја потцени заканата од коронавирусот, никој не гарантира дека во август ќе нема заболени

Почетокот на август е лош период за почеток на кампањата и дополнително нема експерт кој ќе ни гарантира дека во август нема да имаме заболени и нема да има никакви ризици. Сите најави се дека вториот пик ќе се случи во септември, заедно со сезонскиот грип подоцна. Дали ние тогаш треба да се занимаваме со кампања и преговори или со полн капацитет да се сконцентрираат на суштинските прашања, оцени заменик-претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска во вечерашното гостување на ТВ 24.

Таа оцени дека врвен приоритет за СДСМ е интересот и здравјето на граѓаните и тоа се потврди со начинот на Владата се справила со здравствената и економската криза, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ која цел период игра ситна политика.

„ Имаме огромно мнозинство граѓани кои се задоволни и имаат доверба во начинот на кој се менаџираше оваа криза. Причината за тоа е што оваа Влада не играше ситна политика, туку се потпревме на експертите во таа област. Здравствениот систем ги покажа своите капацитети, тоа кај граѓаните создава верба дека ако тогаш никој не носел одлуки на сметка на граѓаните, нема ни сега. Јас се сеќавам на почетокот на здравствената криза, кога ВМРО-ДПМНЕ зборуваше за здравјето на граѓаните, се потсмеваше со опасноста од кризата. Мицкоски имаше став дека СДСМ ја измислува кризата за СДСМ да бега од кампања. Потоа таков став имаа за вонредната состојба, потоа се лутеше зошто таа не се продолжува за цел месец. Тој начин на топло ладно не води кон резултати“, додаде таа.

Шекеринска оцени дека државата не може уште долго да продолжи да функционира со техничка Влада и без активно Собрание и нагласи дека тоа е на штета на граѓаните.

„Имаме можност да земеме одличен заем од Светска банка за поддршка на здравството и за поддршка на социјално загрозените, но две недели не можеме да го земеме затоа што дополнителната заменичка министерка за финансии не сака да потпише“, објасни Шекеринска.