Рамноправен развој без оглед на етничката припадност, еднакви можности и партнерско управување со Владата, се дел од заложбите на политичките партии СДСМ и Беса, кои вчера ја потпишаа декларација за заеднички настап на предвремените парламентарни избори.
Во декларацијата се наведува дека е потпишана во духот на градење доверба и заедничка европска иднина, како и почитување на граѓанските вредности што ги имаат сите етнички заедници во земјата.
„Обете страни, СДСМ и Движењето Беса, надминувајќи ги сите бариери и преземајќи ја храброста да ги примовираат европските вредности, на денешен ден, преку оваа Декларација постигнуваат историски договор во воспоставувањето на политичко партнерство“, се наведува во декларацијата.
Двете партии се залагаат за зајакнување и негување на вредностите меѓу етничките заедници во земјата, рамноправен развој во сите сфери, без оглед на етничката припадност. Како посебна точна наведено е давањето на еднаква можност на секој професионалец и вклучување на владините механизми за создавање подобри услови, со цел иднината да ја градат во државата.
Во декларацијата наведена е и заедничката борба против криминал и корупција на сите нивоа на власт, како и обезбедување реформи во судството, со цел, како што е наведено, да не се дозволи невини луѓе да бидат затворени, додека криминалците се амнестираат од „судството што инсталирало режим во минатото“.
Интеграцијата во ЕУ останува единствена опција, а наведено е и дека управувањето на Владата ќе биде врз основа на целосно партнерство и заеднички интерес.
„Сè што е поврзано со управувањето на Владата од 2020-2024 ќе биде изградено врз основа на целосно партнерство и заеднички интерес, истовремено почитувајќи ги уставните и законските одредби за да се гарантира еднаквост, екомски развој, стабилност и иднина за сите граѓани на оваа земја“, се наведува во декларацијата.
Документот треба да биде предложен за одобрување на највисоките органи во двете политички партии./Makfax