25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Запленети 113 килограми тутун и 415 кутии цигари во Скопје и Тетово

Царинската управа во соработка со Државниот пазарен инспекторат, денеска во две акции во Скопје и Тетово заплени 113 килограми тутун и 415 кутии цигари.

Од Царинската управа информираат дека службените лица при вршење на претресот во Тетово биле брутално нападнати од страна на поголема толпа луѓе, кои ѝ се познати на полицијата, и против нив ќе биде поведена соодветна пријава.

„Сериозноста на проблемот и обемот на штетите што нелегалната трговија со тутун и тутунски производи го предизвикува бара од нас континуирани напори за да го спречиме нелегалниот промет на акцизни добра. На овој начин не само што ја штитиме конкурентноста, го спречуваме неплаќањето давачки кон државата, дополнително придонесуваме за заштита на здравјето на луѓето, што може да биде загрозено со употреба на непроверени производи пуштени во промет на нелегален начин“, велат од Царината.

Цигарите и режениот тутун се акцизни производи за кои се плаќа акциза, а кога ќе се најдат во малопродажба, тие мора да бидат обележани со контролни маркички. Акцизите учествуваат со речиси 22 отсто во вкупните даноци што ги прибира државата, а во буџетските приходи акцизите учествуваат со 13 отсто, од кои над 5 отсто се од цигари и тутунски производи. Соодветно на тоа, станува збор за значаен извор на приходи во буџетот на државата.