24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Лажна вест за поигрување со верски чувства на граѓаните: Објавата на опозициските портали предизвика вознемиреност кај населението

Опозицијата се изгуби во обидот да се оцрни власта. Неколку медиуми кои важат за блиски до опозицијата објавија дека во скопското село Лисиче деновиве се поставуваат темели за изградба на џамија, но веднаш пристига демант од Општина Аеродром, од каде реагираа дека веста е лажна.

„Првичната официјална информација дека СДСМ одобрува градба на џамија во овој дел на Скопје, каде што нема мнозинство од граѓани муслимани, излезе на 30-ти август 2018-та година. На улица „Божин Николов“ во Лисиче, зацртано е и заверено да се гради верски објект-џамија“, објави опозициски портал, а потоа веста ја презедоа повеќе портали.

Но, од Општина Аеродром реагираа дека тоа не е точно, дека во Лисиче не се гради ни џамија, ниту некој друг верски објект.

„Не само што не се гради џамија или некој друг верски објект, туку нема ни предвидено изградба на нови верски објекти во деталните урбанистички планови за целата територија на Општина Аеродром.

Исто така, инспекциските служби на Општина Аеродром се константно на терен и спречуваат диви градби на нејзина територија“, стои во реакцијата од Општината.

Инаку ваквата лажна вест предизвика вознемиреност, со оглед дека се чепка во сензитивни теми на верска и национална база, кои секогаш “палат” кај дел од граѓаните.

Токму на овој начин со националистичка реторика владееше режимот.

Речиси од 2006-тата година, кога режимот дојде на власт, секојдневно бевме сведоци дека ваквите лажни вести од верски и национален карактер понатаму оставаа последици по општеството, создавајќи инциденти на меѓуетничка база, но и засилување на меѓуетничката нетрпеливост.

Пред две години бевме сведоци и на лажни вести за бегалски кампови во Македонија, но бегалците никогаш не ги видовме.