Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска се сретна со амбасадорот на Руската Федерација во Република Северна Македонија Сергеј Баздникин.
На средбата беше разговарано за повеќе актуелни теми, односите помеѓу двете земји, како и за можностите за унапредување на економската соработка во интерес на граѓаните.
Претседателот Заев беше порачано дека двете држави имаат традиционално добри односи, но постојат бројни можности тие дополнително да се унапредат во интерес на граѓаните на Русија и Северна Македонија, а таквите можности треба да се искористат.
– Нашата стратешка определба е интеграцијата во ЕУ и НАТО, но истовремено наша заложба е да градиме и негуваме добри односи со сите држави, особено со Русија која е наш традиционален партнер и која може да придонесе многу во развојот на нашата држава и општество, посочи претседателот Заев.
Во однос на актуелната ситуација во државата, претседателот Заев истакна дека преодната влада задолжена за организирање на изборите работи добро и она што е најважно, економските процеси продолжуваат во интерес на граѓаните.
Осврнувајќи се на претстојните предвремени парламентарни избори, претседателот Заев потенцира дека СДСМ е подготвен за изборно соочување, дека пред граѓаните ќе биде претставена реална програма која ќе има за цел да го трансформира и унапреди општеството и дополнително да го зајакне животниот стандард на граѓаните.
Амбасадорот Баздникин оцени дека односите меѓу двете земји се движат во добар правец и изрази подготвеност за продлабочување на соработката во сите области каде има потенцијал за такво нешто. Баздникин изрази уверување дека Република Северна Македонија ќе спроведе фер, слободни и демократски избори на кои ќе се почитува мнозинската волја.