Судиите од Судскиот совет денеска на седница одлучија да му го одземат имунитетот на судијата Зоран Теофиловски, но го одбија барањето за негов притвор.
Теофиловски е првоосомничен во групата од осум лица за кои Обвинителството отвори истрага поради сомнеж дека незаконски легализирале градба, а потоа и оттуѓиле земјиште во државна сопственост во Тетово. Штетата во случајот се проценува на речиси 860.000 евра.
Теофиловски се товари дека кон крајот на август 2011 година како тогаш одговорно лице, претседател на спортско здружение од Тетово, со намера противправно да се изврши упис на право на сопственост, поднесувајќи лажни докази, почнал постапка за легализација. Тој е осомничен за кривично дело злоупотреба на службената положба.
Зоран Теофиловски како актуелен член на Судскиот совет утринава самоволно се појавил пред судот, но се повикал на судскиот имунитет по што беше свикана итна седница на Советот за да се одлучи по ова прашање.