Соопштение на Платформа на граѓански организации за борба против корупција Блупринт група за реформи во правосудство:
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата и Блупринт групата за реформи во правосудството укажуваат дека донесувањето на целосно нов Кривичен законик претставува една од најзначајните и најкомплексните законодавни интервенции во правниот систем. Поради тоа, процесот не смее да биде сведен на исполнување формален рок или забрзано усогласување на текстот, туку мора да обезбеди доволно време за стручна анализа, транспарентност и суштинско учество на релевантните чинители.
Искуството од измените на Кривичниот законик од септември 2023 година дополнително ја потврдува важноста на ваквиот пристап. Тие измени беа донесени во исклучително кратка постапка и без суштинска јавна и стручна расправа, а во јавноста учеството на претставници на граѓански организации во претходно формирана работна група беше користено како аргумент за инклузивност на процесот, иако спорните измени не произлегоа од работата на таа група и не беа предмет на консултација со нејзините членови. Ова искуство покажа дека формалното членство во работна група не може да се изедначи со суштинско учество, ниту да се толкува како поддршка за решенија кои не биле предмет на нејзината работа.
Во периодот што следеше немаше континуирани и јасни информации за текот на подготовката на новиот Кривичен законик, додека паралелно беа преземани поединечни интервенции во постојниот закон, меѓу другото и со образложение дека треба да се надминат последиците од измените од 2023 година. Граѓанските организации и во тие процеси имаа ограничена можност за суштинско влијание врз предложените решенија.
По долг период без јасно видлив процес, во последната фаза подготовката на новиот Кривичен законик одеднаш доби исклучително забрзана динамика, поврзана со роковите од Реформската агенда. Една организација членка на двете мрежи беше поканета во новата работна група без претходно да ѝ биде доставена актуелната предлог верзија на КЗ и без информации за претходниот тек на работа. На првиот состанок беше посочено дека групата треба да работи секојдневно, по повеќе часа, во многу краток рок, со цел да се вградат релевантните директиви на Европската Унија и текстот да биде доставен до Европската комисија. Поради обемот и сложеноста на текстот, кратката временска рамка и отсуството на можност за претходна анализа на материјалите, беше оценето дека во такви услови не може да се даде суштински и одговорен придонес поради што организацијата се повлече од работната група.
Овој развој повторно го отвора поширокото прашање за начинот на управување со процесот на подготовка на еден системски закон. Вклучувањето на релевантните чинители во завршната фаза, кога основните решенија веќе се поставени и роковите се исклучително кратки, не може да ја замени навремената и континуирана консултација во текот на целиот процес.
Дополнително прашање отвора начинот на кој во моментов паралелно се одвиваат консултациите со Европската комисија и домашната јавна консултација. Предлог кривичниот законик беше доставен до Европската комисија на мислење речиси истовремено кога текстот беше објавен на ЕНЕР, односно пред домашната стручна и поширока јавност да добие можност да достави забелешки.
Самото паралелно одвивање на различни консултации не мора да биде проблематично, но доколку не постои јасно утврдена и јавно позната постапка што ќе се случи со забелешките добиени во секоја од нив, се јавуваат проблеми како од аспект на предвидливоста на процесот, така и од аспект на довербата во истиот.
Ако текстот што е доставен до Европската комисија практично се третира како финален, се создава ризик домашната јавна консултација да биде сведена на формалност, бидејќи суштинските забелешки би барале повторна измена на веќе доставениот текст. Ако, пак, забелешките од домашната консултација бидат прифатени и доведат до значајни измени, мора да биде јасно дали и на кој начин изменетиот текст повторно ќе биде предмет на оценка од Европската комисија.
Во спротивно, може да се случи различни чинители да даваат мислење за различни верзии на истиот закон, без јасна трага за тоа кои решенија се изменети, по чија препорака и врз основа на каква аргументација.
За закон со стотици меѓусебно поврзани одредби, кој истовремено треба да обезбеди усогласување со бројни европски директиви и со домашниот правен систем, ваквиот пристап создава непотребен ризик од недоследности, превиди и правна несигурност.
Платформата и Блупринт групата ја препознаваат важноста на навременото исполнување на обврските преземени во рамките на процесот на пристапување кон Европската Унија и Реформската агенда. Сепак, роковите поврзани со европската интеграција не треба да се користат како причина за скратување на процесите на анализа и консултација кои требало да бидат спроведувани континуирано во претходниот период.
Товарот од повеќегодишното одолжување на подготовката на законот не може во последната фаза да биде префрлен врз стручната јавност, правосудните институции и граѓанските организации преку очекување во рок од неколку недели да анализираат и да дадат аргументиран придонес за целосно нов Кривичен законик.
Европската интеграција не подразбира само формално усвојување закони во предвиден рок, туку законодавство кое е квалитетно, применливо, предвидливо, усогласено со европските стандарди и создадено преку процес кој ја зајакнува, наместо да ја намалува, довербата во институциите.
Ова е особено важно во контекст во кој Европската комисија во Извештајот за Северна Македонија за 2026 година повторно укажува дека претходните интервенции во Кривичниот законик не ги отстранија соодветно штетните ефекти од измените од 2023 година.
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата и Блупринт групата за реформи во правосудството сметаат дека е потребно Министерството за правда:
• да обезбеди соодветно време за суштинска анализа на текстот од страна на судиите, јавните обвинители, адвокатите, академската заедница, граѓанските организации и другите релевантни професионални и општествени групи;
• покрај општата јавна расправа, да организира тематски стручни консултации за области во кои се предлагаат позначајни концептуални промени, особено во делот на корупцијата и службените кривични дела, конфискацијата, организираниот криминал, финансискиот криминал, застарувањето, новите форми на криминал и заштитата на жртвите;
• да објави јасна временска рамка и методологија за понатамошните чекори, вклучително и односот помеѓу мислењето на Европската комисија, коментарите доставени преку ЕНЕР и другите домашни консултации;
• доколку домашните консултации доведат до суштински измени на текстот, јавно да појасни дали и во која фаза ревидираната верзија ќе биде повторно консултирана со Европската комисија;
• по завршувањето на консултациите да објави преглед на добиените забелешки и образложение кои од нив се прифатени, делумно прифатени или неприфатени и од кои причини;
• учеството на претставници на граѓански организации или други засегнати страни во работни групи да не се претставува како нивна поддршка на конечниот текст, освен доколку тие експлицитно ја изразиле таквата поддршка.
Кривичниот законик не е закон чиј квалитет може да се процени само според тоа дали е усвоен навреме, затоа што неговите одредби определуваат кое однесување државата го смета за кривично дело, колкава е казнената репресија што може да ја примени, како се штитат јавните средства и граѓаните од злоупотреба на моќта и каде се поставуваат границите на интервенцијата на државата во основните права.
Токму затоа, неговото донесување мора да биде пример за квалитетен законодавен процес, а не уште еден пример во кој долг период на институционално одолжување завршува со забрзано постапување непосредно пред истекот на реформските рокови.
Платформата и Блупринт групата остануваат подготвени да дадат суштински придонес кон анализата на предложениот текст, но за таквиот придонес да има смисла, неопходно е процесот да обезбеди време, информации и реална можност аргументите на засегнатите страни да влијаат врз конечните законски решенија.
извор:
Платформа на граѓански организации за борба против корупција
Блупринт група за реформи во правосудство


