Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска изјави дека Алијансата не може да ги прифати руските барања што би значеле враќање на европската безбедносна архитектура на состојбата од 1997 година. Тој нагласи дека меѓу сојузниците нема поддршка за таков пристап.
Изјавата доаѓа во контекст на новите дипломатски разговори за можен мир во Украина и руските барања за ограничување на присуството и активностите на НАТО во Европа. Руте истовремено зборуваше за неодамнешните инциденти во полскиот воздушен простор.
Во однос на Полска, генералниот секретар оцени дека станува збор за опасен инцидент, но не сакаше однапред да заклучи дали нарушувањето било намерно. Според него, таквата процена треба да ја дадат надлежните власти врз основа на собраните докази.


