Денеска, во Собранието, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, во рамките на 90-та седница, одржа јавна расправа по работната верзија на Предлог-законот за организација и работа на органите на државната управа.
Со овој закон се уредуваат организацијата, надлежностите и работата на органите на државната управа. Органите на државната управа се дел од извршната власт на Република Северна Македонија кои се основаат во областите од значење за државата заради ефикасно извршување на нејзините функции и остварување на правата, должностите и правните интереси на граѓаните и правните лица. Основањето и работата на министерствата, органите на државната управа во состав на министерствата и управните организации се уредуваат со овој закон.
Јавната расправа ја отвори претседателот на Комисијата, Љупчо Пренџов, кој ги поздрави присутните пратеници, универзитетските професори и претставниците на заинтересираната јавност. Притоа, го образложи планираниот тек на денешната јавна расправа, посочувајќи дека станува збор за законско решение за чие донесување е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.
Потоа, збор му беше даден на предлагачот на Законот – Министерството за јавна администрација, претставувано од министерот Горан Минчев.
Министерот Минчев го презентираше предложеното законско решение, нагласувајќи дека станува збор за закон со кој се уредува организацијата на државната управа и се воведуваат системски правила насочени кон унапредување на нејзиното функционирање и зголемување на ефикасноста на јавната администрација.
Тој посочи дека една од основните цели на Законот е појасно разграничување на надлежностите на институциите, со што тие ќе се надополнуваат во своето работење, наместо да доаѓа до преклопување на нивните функции. Министерот истакна дека јавната расправа е од исклучителна важност во процесот пред донесувањето на Законот, нагласувајќи дека Министерството останува отворено за предлози и сугестии со цел дополнително унапредување на законското решение пред неговата практична примена.
По завршувањето на дискусијата, последен се обрати министерот Минчев, кој истакна дека Министерството внимателно ќе ги разгледа и ќе ги земе предвид забелешките и предлозите изнесени од страна на експертската јавност.
фото Собрание


