Министерството за образование и наука работи на реформи во сите образовни сегменти. Младите треба да стекнуваат квалитетни и применливи знаења, но исто толку е важно да развиваат креативност, иновативност и критичко размислување, како и емпатија, етички принципи и социјални компетенции, за да бидат подготвени за работа и живот во услови на брзи технолошки промени и сложени глобални предизвици.
Ова го нагласи министерката за образование и наука Весна Јаневска обраќајќи се на регионалниот ФјучерЕкс Самит 2026, додавајќи дека за светот што утре ќе биде различен од денес неопходен е функционален образовен систем што создава знаења и компетенции.
„Нашата визија за образование отворено кон иднината почнува од основните училишта. Воведуваме едносменска и целодневна настава со цел децата да добијат повеќе време за истражување и практични активности. Сегашните основци се оние кои во наредните децении ќе носат професионални, економски, научни и општествени одлуки. За да ги подготвиме, од најрана возраст треба да развиваат вештини на поставување прашања, поврзување на информации, препознавање на различни можни решенија. Во дополнителното време во училиште, преку истражувачки, проектни, практични, спортски и креативни активности, учениците ќе можат да експериментираат, да работат тимски, да решаваат проблеми и да ги применуваат своите идеи во пракса“, рече министерката Јаневска.
Во средното стручно образование, посебно преку дуалниот модел, теоретските знаења се поврзуваат со реална работна средина. Партнерството меѓу училиштата, работодавачите и локалните самоуправи дава можност наставните програми брзо да се усогласуваат со барањата на компаниите за стручен и обучен кадар но и со предизвиците на зелената и дигиталната транзиција.
Јаневска посочи дека од оваа учебна година, над 10.800 ученици во прва година средно стручно образование учат според модернизирани наставни програми, кои ги вклучуваат СТЕМ-компетенциите, зелените и дигиталните вештини, во сите струки. Низ обука поминале 569 наставници, а зајакната е и соработката со приватниот сектор.
Средното стручно образование е успешен образовен модел што кај учениците развива практични и преносливи вештини, со кои полесно можат да се приспособат на новите технологии. Предвидено е да продолжи и во високото образование, преку интегрирање на академската настава со практична обука во компанија.
„Со тоа, студентите добиваат можност да стекнат знаења и професионални вештини кои ги тестираат, усовршуваат и продлабочуваат во реални работни услови. Паралелно со ова, создаваме услови универзитетите и студентите да станат активни учесници во Европскиот простор за истражување и иновации, преку зајакнување на научно-истражувачката дејност, учество во европски програми и меѓународни академски партнерства, како и преку соработка помеѓу универзитетите, научните институции и деловниот сектор. Ова е од суштинско значење за градење општество подготвено за иднината“, појасни министерката Јаневска.
За да можат работниците да стекнуваат нови знаења и вештини со цел да останат конкурентни на пазарот на труд, градиме систем на доживотно учење, кој, како што рече Јаневска, обезбедува обуки, усовршување и преквалификација како одговор на промените во професиите и работните процеси.
ФјучерЕкс Самитот 2026 го организира Институтот за комуникациски студии со што ја заокружува образовната програма за писменоста за иднината, развиена во рамките на проектот ФјучерЛит, поддржан преку програмата Erasmus+.
фото: Министерство за образование и наука


