Европската комисија предложи нов финансиски пакет во износ до 45 милијарди евра за Украина во текот на 2027 година. Средствата треба да помогнат во покривањето на финансиските потреби на земјата, за кои Брисел проценува дека следната година ќе достигнат околу 70 милијарди евра.
Според предлогот, до 25 милијарди евра би биле насочени кон воена помош, додека до 20 милијарди евра би служеле за буџетска поддршка и одржување на основните јавни услуги. Финансирањето е замислено преку задолжување на капиталните пазари, со гаранции поврзани со буџетот на Европската Унија.
Предлогот допрва треба да помине низ предвидените европски законодавни процедури и не претставува веќе исплатена помош. Комисијата наведува дека буџетската поддршка ќе биде поврзана и со исполнување реформи, меѓу кои се владеењето на правото и борбата против корупцијата.


