Развојот на туризмот и подобрувањето на меѓународната поврзаност се меѓу позитивните трендови што ја одбележуваат годината. Македонија бележи раст на бројот на туристи, ноќевања и патници на аеродромите, а резултатите укажуваат дека поставените цели за туристичкиот сектор ќе бидат надминати.
Премиерот Христијан Мицкоски посочи дека амбицијата на Владата била годинава да се достигне бројка од еден милион туристи и три милиони ноќевања. Сепак, веќе до септември се регистрирани повеќе од 1,1 милион туристи и речиси три милиони ноќевања.
Во третиот квартал, споредено со истиот период лани, има 35.000 повеќе туристи и 110.000 повеќе ноќевања, односно раст од над шест проценти. Овие показатели се дополнителна потврда за позитивното движење на туристичкиот сектор.
Растот е видлив и на македонските аеродроми. До 25 октомври биле опслужени 3.651.073 патници, што е за 28 проценти повеќе во однос на истиот период минатата година. Бројот на летови достигнал 24.232, со годишен раст од 10 проценти.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го насочува вниманието кон подобрување на авиоповрзаноста преку субвенционирање на авиолиниите и инвестиции во инфраструктурата. Дополнително, модернизацијата на охридскиот аеродром со инвестиција од 2,7 милиони евра претставува важен чекор за подобрување на условите за патниците и развој на туристичкиот потенцијал на регионот.
Во рамки на проширувањето на авиомрежата, воведени се 28 нови директни авиолинии од Скопје и Охрид. Со нив се овозможува поврзување со Париз, Барселона, Амстердам, Мадрид, Прага, Будимпешта, Истанбул, Базел, Милано, Виена и други дестинации, отворајќи нови можности за туристичкиот сектор и за домашното стопанство.


