Во Собрание, денеска, се одржа тематска дебата „Извештаите на Европската комисија за владеење на правото во Република Северна Македонија – наоди и парламентарен надзор“, во организација на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, во рамките на иницијативата „Гласот на Собранието за ЕУ“.
На настанот учествуваа пратеници, претставници на дипломатскиот кор, меѓународни организации, државни институции и граѓанскиот сектор, а во фокусот беа реформите во правосудството, борбата против корупцијата, зајакнувањето на институционалните капацитети и унапредувањето на парламентарниот надзор врз спроведувањето на реформите.
Во воведниот дел се обратија претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски, претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, амбасадорот на Шведска, Ола Солстром, амбасадорот на Швајцарија, Кристоф Сомер, директорката на УНОПС, Михела Телатин, а онлајн обраќање имаше и европратеникот, Томас Вајц, исто така се обрати и извршната директорка на Центарот за управување со промени, Неда Малеска Сачмароска.
Во рамките на дебатата беше нагласено дека владеењето на правото претставува еден од темелните предуслови за напредокот на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија. Посебно внимание беше посветено на независноста и ефикасноста на правосудниот систем, борбата против корупцијата, одговорноста на институциите и потребата од доследно спроведување на реформските обврски.
Амбасадорот на Швајцарија, Кристоф Сомер, ја потврди поддршката на неговата земја за европската интеграција на Северна Македонија и Западен Балкан, нагласувајќи дека владеењето на правото е еден од клучните столбови на швајцарската соработка со регионот. Тој посочи дека Швајцарија во изминатите три децении дава поддршка преку програмите за билатерална соработка.
Сомер истакна дека надминувањето на актуелниот застој во евроинтеграцискиот процес е од суштинско значење за напредокот на земјата и за стабилноста на регионот. Притоа, ја нагласи потребата од градење меѓусебна доверба, искрен и продуктивен дијалог и широк општествен консензус за најважните стратешки прашања поврзани со европската интеграција.
Директорката на УНОПС, Михела Телатин, посочи дека одржливите реформи не подразбираат само усвојување политики и законски решенија, туку и изградба на силни институции со капацитет и механизми за нивно спроведување. Таа ја истакна важноста на техничката поддршка, институционалната координација и вклучувањето на граѓанското општество, медиумите и младите во реформските процеси.
Во тој контекст, беше потенцирана и улогата на проектот за поддршка на европската интеграција на Северна Македонија, кој се реализира со поддршка на Шведска и Швајцарија, а преку кој се обезбедува експертска и техничка помош за институциите во спроведувањето на реформите.
Европратеникот Томас Вајц, во неговото онлајн обраќање се осврна на парламентарниот надзор врз напредокот во областа на владеењето на правото, како инструмент за систематско следење на реформските процеси и исполнувањето на преземените обврски.
Во продолжение на дебатата, проектниот тим на „Гласот на Собранието за ЕУ“ (PAVE) ги презентираше главните наоди што се повторуваат во извештаите за владеењето на правото, со посебен осврт на предизвиците во правосудството, борбата против корупцијата и институционалната отчетност.
Во дискусијата беше истакната потребата од зајакнување на надзорната улога на Собранието, унапредување на соработката меѓу институциите и поголема транспарентност и отчетност во спроведувањето на реформите.
Тематската дебата ја потврди важноста на континуираниот парламентарен дијалог, институционалната соработка и поддршката од меѓународните партнери за остварување конкретен напредок во владеењето на правото и забрзување на европската интеграција на Северна Македонија.
фото Собрание


