Животот поскапува, три минимални плати не ја покриваат потрошувачката кошничката, а Владата нема желба да се справи со кризата, нагласи претседателот на СДСМ д-р Венко Филипче, во изјава за медиуми. Филипче предупреди дека граѓаните секојдневно ги чувствуваат последиците од погрешните економски политики на власта, преку скапата храна, најавените нови поскапувања и сè помалата куповна моќ.
„Сѐ на сѐ еден страшен дебакл. Животот е сѐ поскап. Граѓаните ништо не може да си приуштат. Три минимални плати не се доволни за потрошувачката кошничка“, рече Филипче. Скапа е храната. Очигледно е дека пратејќи ги трендовите во последниот период ни следи и поскапување на струјата“, рече Филипче.
Тој нагласи дека Владата нема ниту желба, ниту знаење и капацитет да се справи со економската криза. Наместо конкретни мерки и решенија, граѓаните се оставени сами да се справуваат со растечките трошоци и сè потешкиот живот.
„Прво, Владата треба да има желба да се справи со кризата. Понатаму треба да има знаење и капацитет, а ништо од ова очигледно е дека го нема. И како тоа сега се реперкутира и како тоа граѓаните го гледаат, го гледаат во своите паричници и во своите фрижидери. И паричниците и фрижидерите на граѓаните се празни.И тоа е доказ дека оваа Влада апсолутно не знае како се води државата“, рече Филипче.
Во изјавата, Филипче посочи дека и новиот буџет за 2027 година не носи ниту подобар живот за граѓаните, ниту економски развој.
„Сега се носи буџетот за следната година, после веќе многу брзиот ребаланс, што беше доказ за лошите економски политики. Нема пари за зголемување на платите во здравството, во образованието, во социјалата. Нема развојна компонента буџетот, немаше ни до сега“, рече Филипче.
фото СДСМ


